Идентична мистериозна бучава ги преплашила патниците во два авиона

Неверојатен случај е забележан во текот на вчерашниот ден во Атланта. Авион на американската авиокомпанија „Делта ерлајнс“, кој полетал за Лондон по само 20 минути, морал да се врати на пистата поради мистериозна бучава.

Пилотот по само неколку минути од полетувањето од аеродромот „Хартсфилд-Џексон“, во Атланта, забележал дека нешто чудно се случува во задниот дел од леталото. Регистрирале бучава за која не можело да се заклучи од каде допира, па пилотот поради општа безбедност донел одлука авионот да го приземји.

Сите патници биле префрлени во нов авион од истата компанија, а пилотот верувал дека на чудната ситуација ѝ дошло крај. Но, истата приказна продолжила и во новиот лет!

 

И тој авион, кој полетал малку по полноќ, исто така се вратил и слетал во Атланта околу еден и пол час подоцна поради идентичната бучава. Портпаролот на авиокомпанијата подоцна за „Еј-би-си њуз“ изјавил дека авионот во двата случаја се вратил поради тропањето што се слушало и покрај тоа што на другиот лет испратено било и друго летало. Патникот Герет Хокинс, кој бил на двата лета, вели дека силното тропање се слушало на секои 20 минути.

Патниците биле многу исплашени и повеќето од нив им тврделе на собраните медиуми во Атланта дека станувало збор за нешто необјасниво за човечкиот ум. Потврда за тоа добиле по неколку часа на аеродромот кога слушнале дека авиомеханичарите не откриле ништо чудно, немало никаков дефект на авионите.

Компанијата ги сместила патниците во хотел, а авионот требало повторно да полета вчера. Останува необјаснето што всушност се случувало и како е можно истата бучава да се повторила и во двата авиона.

 

 

Scroll to Top