Пулмолог предупредува: Нечистиот навлажнувач на воздух може да шири бактерии и мувла низ домот

Навлажнувачите на воздух можат да ја ублажат непријатноста што ја предизвикува сувиот воздух, особено во периодите кога греењето постојано работи. Но, ако не се одржуваат правилно, водата во нивните резервоари може да стане погодно место за размножување микроорганизми, кои потоа се распрскуваат низ просторијата.

На ова предупредува пулмологот д-р Кевин Ким од Универзитетскиот медицински центар „Хакенсак“. Во изјава за „Parade“, тој објаснува дека запоставениот навлажнувач може да стане извор на бактерии, мувла и други загадувачки материи во воздухот. Неговата препорака е корисниците да престанат да ги употребуваат уредите без соодветно чистење.

Водата што со денови останува во резервоарот создава услови за развој на бактерии и габи. Кај одредени видови навлажнувачи, тие можат да се ослободат со ситните капки што уредот ги испушта. Вдишувањето на загадената магличка може да предизвика респираторни тегоби, а особено чувствителни се лицата со астма и алергии.

Наслагите на ѕидовите или дното на резервоарот се дополнителен знак дека одржувањето е занемарено. Американската комисија за безбедност на потрошувачките производи предупредува дека слузавиот слој може да укажува на присуство на микроорганизми, додека бигорот создава површина погодна за нивно размножување.

Внимание заслужува и водата со која се полни уредот. Кај ултразвучните навлажнувачи, минералите од водата од чешма можат да се распрскуваат во воздухот и да се наталожат како бела прашина врз мебелот. За намалување на минералните наслаги и нивното распрскување, американската Агенција за заштита на животната средина, EPA, препорачува вода со ниска содржина на минерали, како дестилираната. Нејзината употреба, сепак, не ја заменува потребата од чистење.

Најважната навика е секојдневно менување на водата. Според EPA, резервоарот на преносниот навлажнувач треба секој ден да се испразни, површините да се избришат и исушат, а потоа да се наполни со свежа вода. Пред постапката, уредот треба да се исклучи од струја.

Агенцијата препорачува и потемелно чистење на секои три дена, со отстранување на наслагите и следење на упатствата на производителот за средствата за чистење. По употреба на средство за чистење или дезинфекција, резервоарот мора темелно да се исплакне, за остатоците од хемикалиите да не се распрскуваат при следното вклучување.

Подеднакво е важно да се следи влажноста во домот. Препорачаниот опсег е приближно од 30 до 50 проценти, а мерењето може да се направи со хигрометар. Прекумерната влажност создава услови за развој на мувла. Кондензацијата на прозорците и влажните површини се знаци дека треба да се намали изворот на влага и да се исушат погодените места.

Непријатниот мирис, видливата мувла или слузавите наслаги бараат прекин на употребата и темелно чистење. Ако мувлата или мирисот остануваат и потоа, треба да се размисли за замена на уредот. Доколку при неговото користење се појавуваат респираторни симптоми, EPA советува употребата да се прекине и да се побара лекарски совет.

Scroll to Top