Ејми Џејн Еверет, 14-годишната ѕвезда од Австралија, се самоубила поради вербални напади и психичко малтретирање преку социјалните мрежи, особено на нејзиниот фекјсбук-профил. Младата девојка, која работела како детски модел, се самоубила минатата недела, а татко ѝ Тик Еверет изјавил дека си го одзела животот поради малтретирањето од нејзините врсници.
„Оваа недела е пример за тоа како би требало да се користат социјалните мрежи, но и како не би требало. Ако можеме да го спречиме страдањето и губењето други животи, тогаш смртта на мојата ќерка не е залудна. Знам дека некои сметаат дека самоубиството е кукавички чин, ама гарантирам дека тие луѓе не се ни напола силни како мојот мал ангел. Таа имала сила да го направи тоа што сметала дека е најдобро за да побегне од злото на овој свет“, напишал тој.
Тој додал дека тоа што ѝ се случувало на неговата ќерка не е шега и дека децата не треба да се чувствуваат надмоќно додека ги малтретираат другите деца. Самоубиството на 14-годишната девојка, според него, е уште еден доказ колку е раширено вербалното насилство меѓу тинејџерите.