Серена Вилијамс му пиша на македонскиот тенисер: „Луѓе како тебе ме инспирираат“

За неверојатната приказна на младиот тенисер Дарко Грнчаров, кој шест месеци беше во кома, дозна и Серена Вилијамс, поранешната најдобра тенисерка во светот. Таа на Дарко му испрати приватна порака на „Твитер“, полна со зборови на поддршка.

„Вау, ова е неверојатна приказна. Луѓето како тебе ме инспирираат. Ќе ни биде чест мене и на Олимпија да те запознаеме наскоро. Многу љубов! Бакнежи“, стои во пораката од Серена за Дарко.

„Не можам да опишам колку сум среќен што Серена ми испрати порака. Ова е најдоброто нешто што можеше да ми се случи, да ми пише мојот идол“, рече Дарко за „Репортер“.

Дарко вели дека сестрите Серена и Венус Вилијамс му се омилени тенисерки, а идоли кај тенисерите му се Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ.

„Веднаш ѝ одговорив и навистина се надевам дека ќе имам можност да ја запознаам“, додаде тој.

Грнчаров неодамна потпиша спонзорски договор со компанијата „Адидас“, кои исто така беа инспирирани од 20-годишниот тенисер. Дарко веќе се подготвува за својот прв турнир, што треба да го игра во Мајами во март. Тенисерот по мозочниот удар се разбуди од кома пред само 8 месеци. Тогаш лекарите му рекле дека ќе треба да поминат неколку години пред да може да тренира и да игра тенис.

А. Јовановска

 

Scroll to Top