Ана Николиќ и Раста: Преживеавме брачна голгота

Поп-пејачката Ана Николиќ и раперот Стефан Раста се во Скопје. Поводот е нивниот концерт на 16 февруари во „Борис Трајковски“.

За брачната двојка во Србија наголемо се зборува, особено во медиумите. Во една година добија ќерка, се разведоа, па се смирија, а еве ги сега заедно ќе пеат на концерт во Скопје. Се зборува и тоа дека разводот е маркетиншки трик оти Ана по пауза од една година, пред два месеца се врати на сцената. За „Репортер“ и двајцата велат дека медиумите за нив пишуваат сешто, но факт е дека минале брачна голгота. Сепак, додаваат дека се навикнале на целата фама околу нив.

„Од самиот почеток, откако сме заедно, се крена фама околу нас која нѐ следи. Не е тоа по наша желба, ама ете. Секогаш малку кажуваме за приватниот живот, а медиумите пишуваат што сакаат“, вели Ана.

Раста, пак, ни раскажа дека откако се запознале во студио на снимање на нејзиниот претходен албум, се вљубиле и постојано се заедно.

„И приватно и работно сме отсекогаш заедно. Но, низ цело ова време имавме и ние голготи, секако во бракот, но и со новинарите што пишуваат сѐ и сешто. Можеби нашето игнорирање да зборуваме за приватниот живот нѐ доведе во ситуација да пишуваат сешто за нас. Ама ние, ете, пребродивме сѐ, па и брачната голгота“, се надоврзува Раста.

Поп-пејачкта и раперот, сепак, во целата приказна најмногу сакаат да зборуваат за ќерката Тара, која има шест месеци.

Ана вели дека сега кога дошла во Скопје првпат ја оставила сама својата ќерка.

„Се навикнувам полека. Таа е уште мала за да можам да се навикнам дека сум мајка, но полека се учам. На почетокот ја гледав сама, но кога се вратив на сцената, побарав помош од дадилки“, вели Николиќ. Раста се пофали дека одлично се снаоѓа како татко, но и дека сега веќе приоритетите се сосема други откако ја имаат Тара. „Ова и двајцата од срце го сакавме и тоа ни се оствари – имаме ќерка“, додава раперот. Ана, пак, ужива да повторува дека малата Тара е клон на татка си, иако почнала да личи и на неа“.

Најавија спектакуларен концерт во Скопје, велат прв поголем концерт е ова, а подоцна ќе пеат во сите градови низ Србија и во Белград. „Чекаме Ана да се врати во топ-форма, да ги симне килограмите, па да спремаме албум. Најавен е за април, ама полека ќе биде“, велат Ана и Раста.

Александра Георгиев

 

Scroll to Top