Во филмот „Во земјата на крв и мед“, во кој главната улога ја имаше актерката Анџелина Џоли, понуда да игра во него доби и српскиот актер Небојша Глоговац, кој по подолг период, објаснува зошто ја одбил. Глоговац изјави дека агентите што му се јавиле не сакале да го изговорат името на Анџелина Џоли, туку само ја ословувале со „таа“.
Филмот во „Земјата со крв и мед“, претставен како американска воена драма од 2011 година, кај поголемиот дел во јавноста до ден-денешен остана неприфатен.
Од самиот почеток критичарите и новинарите ја осудуваа дебитантската работа на Анџелина Џоли, а новинарската проекција во пресрет на премиерата на филмот на 62. Берлинале беше испратена со свирежи и со некој ситен аплауз. Како што и повеќето се согласиле, остварувањето е полно со нелогичности, дијалозите се површни, улогите на актерите не ги одглумија како што се очекувало, а под знак прашање беше и вистинитоста на повеќето прикажани настани.
„Контактирав со нејзините кастинг-агенти и ми рекоа дека ме виделе во филмот „Клопка“ и не знам во уште кој друг и понудија да соработуваме. Но, поради тоа што во последните години во холивудската продукција се разви некаков тренд дека само ние во овие војни се убиваме, колеме, силуваме, а другите работеа не знам што, и тоа без никаква филмска естетика, која единствено го оправдува постоењето некој филм, бев многу внимателен. Никако не сакам да играм во приказна во која само еден народ е виновен и луд и крволочен, а сите други се прекрасни и мали мачиња, без оглед за кој народ станува збор. Тоа сценарио на Анџелина Џоли, чие име нејзините агенти со кои се допишував не го ни спомнаа, туку непрекинато ја нарекуваа she (на македонски таа), никако не можев да го видам. Некако остана тајно, не сакаа да ми го покажат, што мене ми беше малку чудно, поради тоа што станува збор за приказна што треба да ја видат милиони луѓе“, изјави Глоговац на таа тема.
„На инсистирање на агентите да ја прифатам улогата на невидено одговорив дека ќе прифатам, само доколку филмот ги согледа овие наши војни како зло што се случило на луѓе што се сакале, соработувале, биле соседи, живееле заедно, се женеле се мажеле едни со други и во кои само политичарите добро поминаа. Како што почнав да ги поставувам тие прашања, така комуникацијата почна помпезно да се менува. А заврши типично американски, во последното писмо агентите ми напишаа: „Поради вашиот талент кој е до толку голем што би можеле да ви го понудиме главниот лик, а тој е веќе доделен, нема да имаме улога за вас“ објасни Глоговац.
„Кога сфатив дека се работи за уште еден проект во кој Американците нам ни раскажуваат приказна за тоа што како се случувало и како ние ја преживувавме војната, а притоа немаат поим за суштински работи, им се заблагодарив на соработката. И не зажалив. Филмот испадна лош, Анџелина Џоли воопшто не се прослави како режисерка“, заклучи Небојша.