Бред Пит и Леонардо ди Каприо првпат ќе се појават заедно на филм. Тие ќе настапат во новиот филм на режисерот Квентин Тарантино. Филмот ќе се вика „Си беше еднаш во Холивуд“. Според соопштението на „Сони пикчрс“, премиерата на филмот ќе биде закажана за 9 август 2019 година. Овој датум се поклопува со 50-годишнината од убиството на актерката Шерон Тејт, сопругата на режисерот Роман Полански, која била во 8 месец од бременоста и уште четири други лица во Лос Анџелес.
Тарантино го опишал филмот како „приказна чие дејство се одвива во Лос Анџелес во 1969 година, во екот на хипи Холивуд“. Двата главни лика се Рик Далтон (Ди Каприо), поранешна ѕвезда од телевизиски вестерн филмови, и неговиот долгогодишен каскадер Клиф Бут (Пит). Двајцата лика се обидуваат да успеат во Холивуд, а Рик има многу позната соседка, Шерон Тејт.
„Работев на сценариото пет години и живеев во Лос Анџелес поголем дел од мојот живот, вклучително и во 1969 година, кога имав седум години. Многу сум возбуден да ја раскажам оваа приказна за еден Лос Анџелес и за Холивуд кои веќе не постојат. Не можам да бидам посреќен во врска со спојувањето на Ди Каприо и Пит“, изјавил Тарантино.
Филмот ќе биде сместен во периодот на бруталните убиства на култот на Чарлс Менсон, кога беше убиена Шерон Тејт. За улогата на Тејт за сега се споменува актерката Марго Роби.