(Видео) „Македонско девојче“ ја пееше хорот од Јордан

Една од најпознатите песни на Јонче Христовски, „Македонско девојче“, како дел од репертоарот на музичкиот ансамбл „Дозан ва автар“ од Јордан, кој промовира хорска музика и иновативна изведбена уметност, беше изведена во театарот во главниот град Аман.

Заслугите за тоа се на браќата Ајман и Самер Фаза, кои имаат потекло од Македонија, при што првиот го направил аранжманот и заедно со вториот, наречен Крсте, им помогнале на другите членови на хорот да ја научат песната.

На тој начин браќата Фаза сакале да ја слават сопствената љубов кон македонската култура, кон македонскиот народ и кон своето потекло. Песната ја посветуваат на сопственото македонско девојче – нивната мајка.

„Дозан ва автар“ е водечки секуларен хор во Јордан, составен од 40 до 60 члена од оваа блискоисточна земја и од целиот свет, претставувајќи разни професии, возрасти, култури и интереси. Заедно со хоровите „Вартавар“ и „Хармонија на животот“, тие три вечери едноподруго од 6 до 8 февруари во Аман за јорданската публика изведоа широк спектар музика од регионот, како и од Алжир, Тунис, Македонија, Романија и од Ерменија.

Ансамблот „Дозан ва автар“ ја доби наградата за најдобра арапска песна на Хорскиот фестивал на Средниот Исток во Дубаи 2017, потоа златни медали во категориите фолклор и музика на духот и на верата на 9. Светски хорски игри во Сочи 2016, како и златни дипломи за сценски фолклор и за мешан хор на 8. Светски хорски игри во Рига 2014.

Scroll to Top