По вчерашното раскажување на специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на женската вечер „Пичприч“, каде што таа јавно го прозива уредникот и новинар Бранко Героски дека ја обвинил оти била во диско, тој се јави со свој став за сето ова, па ѝ кажа што мисли. Откако ја спореди со куклата од излогот, ѝ рече дека се препичувала на микрофон со говорот, но и ѝ кажа ѝ дека не е негов тип.
„Простете што Ви се обраќам лично обвинителке, но мислам дека така најлесно ќе ме разберете. Откако веќе ме спомнавте на трибината со наслов ‘Пичприч’ и кажавте дека сум Ве обвинил затоа што сте оделе во диско и затоа што сте (еманципирана?) жена, а Вие, пак, сте сте ‘бранеле’ со молчење бидејќи не сте го разбрале ‘обвинението’. Да бидам искрен, како за пичприч, односно за малку препичуење со микрофон, ова ви е досега најуспешниот естраден настап“, вели Героски. Во својата колумна тој додава дека е точно дека ја „обвинил“ и дека сè уште тврди дека тоа поведение не е соодветно за позицијата што ѝ била доделена.
„Но, веројатно се сеќавате дека јас Ве обвинив, но не Ви ‘пресудив’. Ви ‘пресудија’ Ваши колешки и колеги, правници со многу поголемо знаење и искуство од Вашето“, додава Героски. Понатаму тој вели: „Па така, почитувана Фатиме Фетаи, свесен за фактот дека сте идол и своевиден пич-симбол на огромна маса луѓе, и од понежниот и од погрубиот пол, вклучувајќи и многу сериозни луѓе кои се лигават врз тастатурите штом на интернет ќе се појават Вашето име, Вашата фотографија или Вашиот карактеристичен говор пред камерите, значи апсолутно свесен за таа Ваша ѕвезда-гранда аура, под полна морална, материјална и естетска одговорност, јавно Ви изјавувам дека Вие, едноставно, не сте мој тип“, вели Героски.
Тој се фати и за нејзиниот порок – пушењето, па во образложението вели: „Простете ми на искреноста, но жена што пуши пред камера, жена што изјавува дека нема поубав јазик од српскиот и, најстрашно од сѐ, жена што ни кажува дека омилена музичка ѕвезда ѝ е Аца Лукас, плус тоа жена што носи чанта ‘Гучи’, а потоа фановите ја бранат со објаснување дека станува збор за реплика (леле, леле, леле!), едноставно кај мене не пали“, објасни Героски.