Од „Гранд“ потврдија дека е украден сефот на Саша Поповиќ

Прес-службата на „Гранд продукција“ се огласи по повод грабежот на куќата на Саша Поповиќ, кој се случи во текот на претходниот ден.

Од семејниот дом на Поповиќ бил однесен сефот, нешто што сега го потврдија и од службата на „Гранд“.

„Во текот на претходната ноќ била обиена семејната куќа на Саша Поповиќ од страна на непознати лица. Во тој период од домот на директорот на ’Гранд продукција’ бил однесен сеф со одредена документација, како и неколку часовници, кои им припаѓале на членовите на семејството Поповиќ“, велат од „Гранд“.

„Нагласуваме дека не е вистина оти од куќата е однесена и одредена сума пари бидејќи директорот на ’Гранд’, хартиите од вредност и парите ги држи во банка. За да не шпекулираме со ваквата информација и да не им пречиме во работата на органите на редот во откривањето на сторителите на овој немил настан, со ова соопштение ќе го завршиме обраќањето кон медиумите кога станува збор за оваа тема. Ги молиме сите претставници на медиумите да имаат разбирање дека станува збор за приватните работи на Саша Поповиќ и неговото семејство и дека во текот на понатамошната истрага не треба да има место за сензационализам и невистинити вести“, заклучуваат од Гранд.

Претпладне во куќата на Саша Поповиќ пристигнале тројца инспектори. Ја напуштиле по неколку часа разговор со Поповиќ и неговите соработници.

Директорот на „Гранд“ ги испратил до капијата, а со него била и неговата сопруга Сузана Јовановиќ, како и еден од неговите најблиски соработници и пријатели, Горан Шљивиќ.

 

 

Scroll to Top