Инфектологот Ѓорги Петков од Гевгелија, како член на мешовита меѓународна алпинистичка експедиција, тргна во освојување на највисокиот врв на светот, Монт Еверест. Овој врв на Хималаите е висок 8.848 метри. Покрај него, експедицијата „Еверест 2018“ ќе има уште шест алпинисти. Нив ќе ги води еден од најпознатите светски водичи, англичанецот Тим Моусдејл. Тој досега шест пати се има искачено на Еверест, и од јужната и од северната страна.
Самото искачување ќе трае три до четири дена, зависно од условите на теренот. Во едно скорешно интервју, Петков рекол дека се подготвувал напорно физички и психички. Тој искачил неколку врвови до 5.000 метри во Европа. Но, секој ден пешачел и по 10 километри на планината Кожуф.
Петков е член на планинарското друштво ,„Кожуф“ од Гевгелија и ги има искачено највисоките врвови на речиси сите континенти. Највисоката точка до која стигнал како алпинист е врвот Ленин Пик во Киргистан, висок 7.200 метри.