Научници во Катар тестираат технологија која на докторите би можела да им помогне да дијагностицираат аутизам за неколку минути наместо за неколку месеци, пишува „Ал џезеира балканс“.
Истражувачи од Институтот за биометриски истражувања тестираат уред кој го дијагностицира аутизмот кај шестмесечните бебиња така што го следи движењето на нивните очи. Со стапка на успех од 85% уредот го снима пореметувањето во погледот кое се врзува за болести од аутистичниот спектар.
Омар Ел-Агнаф, кој го предводи истражувањето, вели дека раната дијагноза прави огромна разлика.
„Колку подолго време е аутистичното дете без помош, толку е потешка понатамошната интервенција. Токму затоа раната детекција е клучна за аутизмот“, рекол тој за „Ал Џезеира“.
Во истражувањето, кое е прво од овој тип во тој регион, научниците утврдија дека најмалку едно дете од 100 во Катар има некој облик на аутистично пореметување. Докторите се надеваат дека резултатите од истражувањето ќе укажат на генетските фактори кои може да влијаат на аутизмот и да бидат корисни кога ќе дојде време за терапија.