На социјалните мрежи се појави снимка каде што ѕвоната од најголемата црква која се наоѓа во Утрехт ѕвонат во ритамот на хитовите на диџеј Авичи, кој почина во петокот. Се слушаат неговите хитови Wake Me Up, Without You и Hey Brother.
Авичи почина во петокот во Оман каде што беше на одмор со своите пријатели. Причините за смртта сè уште не се познати, но полицијата објави дека не постојат никакви криминални сомнежи.
Семејството на Авичи овој викенд пристигна во Оман, а обожавателите од моментот кога ја слушнаа тажната вест му оддаваат почест на различни начини. Во саботата на еден од главните плоштади во Стокхолм се собраа илјадници негови фанови кои ги пееја неговите песни и играа на неговите хитови.
Авичи со години се бореше со здравствени проблеми кои почнаа во 2012 година, кога поради акутен панкреатитис беше хоспитализиран 11 дена. Болеста која го држеше прикован за болничкиот кревет често се појавува поради прекумерна консумација на алкохол.