(Видео) Четкар свиреше џез за скопјани

Македонскиот џез-музичар Владимир Четкар вчера ги забавуваше скопјани во кафулето „Круг“ во Дебар маало. Тој и уште петмина музичари пред преполното кафуле свиреа песни од двата албума на Четкар. За мерак на бројната публика, Четкар ја испеа и најновата песна Travel the World која ќе се најде на неговиот трет албум што е во подготовка.

„Убави ми се овие пред-викенд забави што се случуваат после работа. На сите ни даваат позитивна енергија. Се надевам дека ќе има уште неколку вакви дружења низ цела Македонија ова лето“, рече Четкар за „Репортер“ меѓу два блока музика.

Со Четкар вчера пред љубителите на џезот свиреа и Демир Кантуровски, Борислав Веселинов, Филип Стевановски, Ѓоле Максимовски и Виктор Филиповски. Заедно денес тие се претставија и пред битолската публика, а настапија во „Вино бар“ на Широк сокак.

Следната недела музичарот ќе замине за Америка, каде што ќе работи на последните песни од новиот албум. Според неговата најава, албумот ќе го промовира во текот на летото.

(А.Ј)

Scroll to Top