Фолк пејачката Благица Калева со песната „Горда мајка“ победи на 33. издание на Фолк-фест Валандово. Таа песната ѝ ја посвети на ќерката Марија која беше во публиката. Додека пееше, а потоа и додека и ја добиваше наградата, пејачката со насозени очи гледаше во ќерка си, па рече: „Таа е мојот живот, таа ќе биде мојата светлина во животот“.
И публиката во салата реагираше емотивно на песната. „Страшни бури дојдоа, од корен ме сотреа, горки солзи проголтав, животот го прегрнав. Жена сум, а силна сум, што сум мајка горда сум, посилна од темнина, ти си моја светлина“, пееше Калева и покажуваше кон својата ќерка, која по победата на Благица се качи на сцената и заплака заедно со својата мајка.
Марија е единственото дете на Благица која пред 16 години во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин. Таа долги години се грижеше само за Марија, а пред неколку години ѝ се врати на музиката и продолжи да пее.
Музиката за песната „Горда мајка“ ја напиша Горан Тодоровски, текстот е на Ице Беличев, а аранжманот е на Дејан Миленковски. За победата таа доби статуетката Златна калинка и награда од 1.500 евра. Второто место на фестивалот го освои Филип Божиновски со песната „Умирам по тебе“, а трет беше Благоја Грујовски со песната „за нас“.