Македонскиот поп-пејач Александар Белов денеска во Крагуевац, Србија, пееше на фестивалот „Ноти за сите“, посветен на лицата со посебни потреби. Белов, кој повеќе од една година живее во Крагуевац, за „Репортер“ откри дека е среќен што е вклучен во хуманитарниот настан и што и во Србија добил можност да посвети дел од своето време на лицата со посебни потреби.
„Чест ми е што директорот на Заводот за лица со посебни потреби, Владица Станојевиќ, ме покани да пеам на фестивалот. Еве, јавно ветувам дека секоја година ќе бидам дел од овој настан“, ни кажа Белов.
Александар и во изминатите години често пееше на хуманитарни концерти и беше вклучен во бројни хуманитарни настани. Публиката го запозна преку шоуто „Операција триумф“. Изминатите години настапи на фестивали кај нас и на Балканот, сними неколку спота и освои бројни награди.
(А.Ј)