Со роденденската колекција „Милион милји време“ на дизајнерка Лидија Георгиева вчеравечер почна осумнаесеттиот Моден викенд Скопје. Креациите се изработени од луксузни материјали, тантели, плетени дизајни и отпечатоци. Силуетите се раскошни, боемски и елегантни, а во некои од нив првпат се презентирани и дизајни од ексклузивната соработка со францускиот бренд „Фејмс“, колекција рачно плетени модели.
„Приказната се одвива во атмосфера на патување, целиот креативен процес и изработка се резултат на едногодишно континуирано патување низ Европа. Дел од моделите дури се работени во автомобил во движење, некаде низ континентот. Пробивањето на личните и општествените ѕидови и бариери, уживањето во неограниченоста, потрага по слободата, слобода на изразот и силното чувство на слобода кога патуваме се тема на колекцијата“, вели Георгиева.
Моден викенд Скопје продолжува вечерва во „Скопје Мериот хотел“ со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk. Вечерва ќе бидат претставени најновите креации на дизајнерките Ирина Тошева, Теодора Митровска, Кренаре Ругова и Силвија Михајловска.