Во ГТЦ во Скопје се отвори лаунџ-барот „Амбрела“, кој вработи 10 лица со попреченост. Барот е лоциран на местото на поранешното кафуле „Чао“ и ќе им овозможи на оваа група граѓани, преку работа, активно да се вклучат во општеството и во социјалниот живот . Исто така ќе имаат можност и да си обезбедат личен приход. Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, беше на отворањето.
„Колку побрзо научиме да ги прифаќаме различностите, толку побрзо ќе изградиме поубава Македонија. Сите граѓани треба да ги гледаме како потенцијал. Да ги гледаме околу нас да им дадеме можност да заработуваат и со тоа да придонесат за економскиот раст на земјата. Новоотворениот ресторан ‘Амбрела’ ја даде таа можност со вработување лица со посебни потреби“, напиша министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на Фејсбук, која исто така беше на отворањето.
Проектот е поддржан од Министерството за труд и социјална политика, Општина Карпош и Агенцијата за вработување, а Филозофскиот факултет се јавува како партнер од аспект на кадар и поддршка со студенти.