Милош Биковиќ, еден од најпопуларните и најуспешни глумци од помладата генерација во Србија, не дојде во Скопје на премиерата на неговиот најнов филм „Јужен ветер“. Филмот, неполн месец по премиерата, од минатата недела се прикажува и кај нас во киното „Синеплекс“. Младиот глумец кој е повеќе од десет години активен на сцената, својата прва поголема улога ја имаше во филмот „Монтевидео“ на Драган Бјелогрлиќ. Оттогаш гради успешна кариера во Србија, но и во Русија. Во интервју за „Репортер“, популарниот актер со многу емоции се сеќава на снимањето на филмот, особено на сцените со Небојша Глоговац, кому ова му беше последна улога пред да почине.
Репортер: Публиката во Скопје те чекаше на премиерата на „Монтевидео“, па на „Мраз“, а не дојде ни на премиерата на „Јужен ветер“. Зошто не доаѓаш во Скопје?
„Доаѓав јас во Скопје со театарски претстави, не е дека не сум бил, ама не знам кога ќе дојдам пак. Најверојатно на премиерата на некој мој следен филм. Заради бројните обврски што ги имам последните години, секогаш сум на некое снимање или патување кога се прават промоциите на моите филмови кај вас. Со радост би дошол пак, посебно затоа што имам македонски корени. Луѓето не знаат дека моето оригинално презиме е Биковски од македонската страна на моето семејството“.
Репортер: Еден месец по премиерата на „Јужен ветер“ филмот го погледнале преку 650.000 луѓе, делумно и заради тебе. Како се снајде во улогата на Петар Мараш, член на белградското подземје?
„Петар е дијаметрално спротивна личност од мене, затоа што јас не убивам луѓе, не крадам автомобили, јас не сум човек кој тргнал по полесниот пат за брзо да дојде до пари. Јас сум човек кој до своите успеси дојде со многу труд и работа, и тоа е разлика меѓу нас двајцата. А ако помладите генерации го читаат ова интервју и мислат дека е кул да поминат на црвено светло со кола, тоа е пораката што сакам да им ја пренесам на нив – дека само со работа и многу труд се стига до успех, не со крадење, убиства и манипулации. Или оваа порака во мое име на своите деца нека им ја пренесат родителите.“
Репортер: Во „Јужен ветер“ глуми и Глоговац, а нему ова му беше последна улога во животот. На што се сеќаваш најмногу во врска со него, на дружењето додека снимавте, енергијата?
„Се сеќавам дека цело време се шегувавме, а дека тој се нервираше затоа што секогаш избирав подобра храна од него кога имавме пауза за ручек. По некое време престана да порачува прв, туку чекаше јас да изберам што ќе јадам, а тој да рече: ‘Ќе јадам исто што и Милош’. Тој беше толку голем глумец, што, кога ги гледав сцените во кои сме двајцата во ист кадар, имав чувство како тој буквално да ме исфрла мене од сцената, а делував само како млад колега на голем глумец, не како главен лик во филмот. Толку беше уверлив во својата глума. Исто така знам дека размислуваше да сними филм во Русија. Уште веднаш ме праша за еден руски режисер со кого јас веќе снимав, а кој го повикал на кастинг за филм“.
Репортер: Во Русија снимаш повеќе отколку во Србија. Неодамна рускиот претседател Владимир Путин ти ја додели наградата „Медала на Пушкин“. Каква беше средбата со Путин?
„Не очекував такво признание. А средбата со Путин беше величествена. Мислам дека е ова многу важна награда за мене и дека на некој начин ја потврдува мојата неофицијална улога на српски амбасадор во Русија и амбасадор на Русија за Србија“.
Репортер: Пред неколку години рече дека не би глумел во руски театар додека не го совладаш јазикот совршено. Каков ти е рускиот денес? Доби ли во меѓувреме понуда за претстава во руски театар?
„Да, јас веќе играв на големата сцена во Московскиот уметнички театар (МХАТ), театар во кој своевремено претстави поставувале Чехов и Станиславски. Тоа за мене беше огромна траума затоа што играм на туѓ јазик, но и затоа што немам право на грешка. За мене тој театар е најзначајниот и единствен кој покрај „Глоуб“ театарот создава историја“.
Репортер: Која ти е најголемата желба поврзана со кариерата?
„Сега имам желба да направам неколку филмови во српска продукција, а тие да доживеат интернационален успех“.
Репортер: Патуваш, снимаш, работиш. Имаш ли време за себе за одмор, за љубов, за семејството?
„Во моментов немам. Но, планирам следната година малку повеќе да се посветам на себе и да го исправам сето тоа“.
Андријана Јовановска