Дијамантскиот „боинг 777“ на авиокомпанијата „Емирати“ стана вистински хит на интернет. Откако во јавноста се појави слика од авионот целиот обложен со дијаманти на пистата во Исламабад, Пакистан, се појави дилемата дали фотографијата е правена во Фотошоп или авионот е вистински. Ова го прокоментира и британскиот весник „Дејли мејл“, кој напиша: „Дијамантскиот авион го сруши интернет“.
Дилемата ја реши Сара Шакил, која ја објави сликата на својот инстаграм-профил.
„Го сликав авионот на пистата пред да полетам за Милано. Во мој стил, како на повеќето слики што ги објавувам, му додадов дијаманти. Сликата е монтажа, но замислете колку би било кул да постои навистина ваков авион“, рекла таа за „Дејли меил“.
Експерт за истиот весник рекол дека од технички и безбедносни причини не е возможно кој било авион да биде обложен со дијаманти.
„Дијамантите само ќе ја зголемат основната тежина на авионот, па тоа може да предизвика бројни проблеми при летот. Конструкцијата на авионите е таква што тие се во основа лесни и затоа летаат без проблеми“.