Руските служби повторно ја отвораат истрагата за смртта на десетина студенти кои се разболеле и починале од мистериозна смрт во 1959 година од минатиот век. Немилиот настан се случил во Урал во Русија, каде што осум момчиња и две девојки планирале да заминат на 16-дневна експедиција и да минат преку 300 километри.
Едно од момчињата попатно се разболело и се вратило дома, додека останатите никогаш не се вратиле. Сите членови од експедицијата биле студенти и искусни скијачи, а кампот го поставиле на планината Холатчахљ.
Целта им била да се искачат на врвот Отортен, едно од најопасните места на Урал. Ги предводел Игор Дјатлов. По недела дена никој од деветте преостанати членови од експедицијата не се јавил на своите семејства, па тие побарале помош од спасувачките екипи. За исчезнувањето на планинарите биле ангажирани и полицијата и војската.
По шест дена потрага, пронајдени биле само шаторите, а во нив биле најдени дневниците на исчезнатите студенти. Беживотните тела на петтемина планинари биле пронајдени во шумата, додека за преостанатите четворица се трагало уште цели два месеца.
Повредите на нивните тела биле страшни, изјавиле лицата кои ги пронашле. Некои од нив немале очи, усни и делови од лицето, покажала направената обдукција. Местото каде студентите настрадале било наречено Дјатлов премин во чест на лидерот на експедицијата Игор Дјатлов.
Како што пренесува Си-ен-ен, Русија по 60 години повторно ја покренала истрагата за овој случај. Претставник од регионалното обвинителство, Андреј Курјаков, на конференција за новинарите изјавил дека истражителите сега ќе имаат помош од пријателите и семејствата на настраданите студенти, но ќе им биде дадена и нова технологија.
Курјаков веќе приложил повеќе од 400 страници материјал за истрагата. Многубројни текстови, книги и документарци биле напишани и направени за оваа мистерија и се обиделе да објаснат што точно се случувало тие денови во руските планини.
Се разбира, во текот на години се појавиле голем број теории на заговор, а Си-ен-ен пишува дека ги имало вкупно 75. Една од првите била дека планинарите биле нападнати од домородците од племето Манси, а форензичарите кои работеле на случајот велат дека таквите повреди не можеле да бидат нанесени од друг човек.
Резултатите од истрагата биле прогласени за тајни уште во 1959 година, а мал дел од нив бил објавен во 90-тите години од минатиот век.