Академија за филмска уметност и наука реши годинава 13 глумци да се појават во улога на водители на Оскарите. Три недели пред доделувањето на наградите, Академијата откри дека златните статуетки ќе ги доделуваат Даниел Крег, Шарлиз Терон, Бри Ларсон, Крис Еванс, Тина Феј, Вупи Голдберг, Џенифер Лопез, Авквафина, Еми Пелер, Маја Рудолф, Аманда Стренберг, Теса Томпсон и Констанс Ву.
„Ова е важен момент во историјата на Оскарите. Годинашната свеченост настојува да ја зачува традицијата, а истовремено воведува измени за да ја задржи својата публика“, стои во соопштението на Академијата.
Академијата реши годинава да им посвети поголемо внимание на презентерите на наградите откако актерот Кевин Харт се откажа во декември, а поради негативните реакции на јавноста на хомофобните шеги што тој ги напишал пред десет години. Кога се откажа од улогата на водител, тој ѝ се извини и на ЛГБТ-заедницата за напишаното.