Со секоја последна турнеја, со секој биографски филм, носталгична компилација од најголемите хитови и секој пат кога ќе умре некоја од рок-иконите од средината на минатиот век, кај фановите на рокот се буди стравот за тоа каква е иднината на овој музички правец.
Мик Џегер (75) заздравува од операција на срце, Ози Озборн (70) поради повреди од падот мораше да ја одложи турнејата, а Пит Таунсенд (73) е речиси целосно глув. Времето повеќе не е на страната на рок-легендите.
Рокери се разбира сè уште има, но ниту една рок-група не се најде меѓу 10 најпродавани и најслушани во 2018 година, според податоците на агенцијата Nielsen Music. На оваа листа убедливо доминираат хип-хоп групи и R&B изведувачи.
Влијателните музички фестивали рокерите сè повеќе ги ставаат во споредна улога. Минатата година беше прва во историјата на фестивалот Coachelle, никој од рок-изведувачите да не биде главна атракција. Истото се повторило и оваа година.
Во август ќе се одржи тридневен концерт по повод 50-годишнината од „Вудсток“, но уште сега на големо се зборува дека организаторот ќе ангажира ѕвезди од типот на Сантана или Роберт Плант, а веројатно програмата ќе биде исполнета и со изведувачи како Џеј-Зи или Мејли Сајрус, за да се привлече помладата публика.
На доделувањето на „Греми наградите“, за најдобрите рок-изведби веќе со години нема место во телевизискиот пренос, што е уште еден знак за тоа колку е паднат овој музички жанр.
Музичкото критичко списание Vice’ Dan Ozz, во текстот „Рокот е мртов, фала Богу“, напишал дека овој правец по сите мерила на популарноста и профитабилноста е засенет со поп-музиката, хип-хоп музиката и електронската музика. Многумина сметаат дека последните денови на рокот биле 90-тите години.
Во тој период главни ѕвезди биле „Нирвана“, „Ред Хот Чили Пеперс“, „Прл Џем“, „Саундгарден“ и многу други кои во тој период владееле со светската сцена.
Сите сме рокери
На средината на минатиот век, хип-хоп музиката станала доминантен глас во културата на младите и рефлектирала ниво на размислување за современи теми, како што тоа некогаш го правел рокот, вели поранешниот менаџер на „Нирвана“ Дени Голдберг.
„Поп-музиката ја презеде главната улога на авангарда за важно креативно изразување, а рокот некако се скамени, се претвори во диносаурус“, изјавила Жаклин Ворвик, професорка по музичко на Универзитетот „Далхаус“ во Канада.
За Деана Адамс, авторка на неколку музички книги, рокот не е само рок, туку смисла на иновативна креативност, која ќе живее и кога неговите втемелители ќе умрат.
„Болно е тоа што многумина од нив умираат или повеќе не можат да продуцираат музика. Тагуваме што ги изгубивме нив и нивната музика и тоа што повеќе никогаш нема да можеме да ги искусиме нивните концерти“, изјавила Адамс.
„Но, ништо од тоа нема да ја намали вредноста на рокот. Без рокот не би имало ни хеви-метал, панк, ниту хип-хоп. Рокот никогаш нема да умре, затоа што тоа е голема, цврста гранка, на многу старо, робусно дрво“, вели Адамс.
Дури и некои хип-хоп уметници, велат дека духот на рокот ќе живее засекогаш.