Почина Кирил Ценевски, режисерот на „Црно семе“

Денеска во Скопје на 76-годишна возраст почина филмскиот режисер Кирил Ценевски. Со неговиот прв филм „Црно семе“ Ценевски има освоено бројни награди на фестивалите во Југославија, а беше и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на меѓународни филмски фестивали.

Роден е во Крива Паланка, студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот Цената на градот (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот „Црно семе“.

Ценевски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Пред три месеци Кинотеката на Македонија го промовираше ДВД изданието со дигитално реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски.

Scroll to Top