Македонската пејачка Антониа Гиговска ги освои симпатиите на публиката во вчерашното финале на „Пинкови ѕвезди“ – All Stars. Пејачката се претстави со песната „Тајно моја“ од Тоше Проески.
Гиговска ги воодушеви сите во студиото, а доказ дека доминираше на сцената е силниот аплауз кој го доби на крајот на изведбата.
„Не знам што да кажам. Прв пат кога те слушнав исто не знаев што да ти кажам, па се снајдов. Сега пак не знам, не можам ни да се снајдам. Толку добро пееше, толку добро ги пренесе емоциите. Ти си сериозен женски пејач, формиран“, изјавила Наташа Беквалац.
„Моментот кога ќе излезеш на сцената е фасцинантен од неколку причини. Оние секунди кога ќе застанеш на сцената се претвораш во интерпретатор, изведувач. Ние кои се занимаваме со оваа работа го гледаме тоа. Тоа е неверојатен квалитет. Ти си вокално супериорна во однос на многу постари пејачки. Јас ја имав таа среќа оваа песна да ја слушам од Тоше и многу е тешко да се препејуваат неговите песни. Толку дорасна на задачата“, изјавила Гоца Тржан.