Британскиот пејач Роби Вилијамс во едно скорешно интервју откри дека пред неколку години сакал да се самоубие. Тој рекол дека неколкупати сериозно размислувал за самоубиство, оти во тоа време со девојката живеел во „темна куќа“ и земал големи количини кокаин.
„Тогаш навистина земав многу кокаин. Бев во куќата и слушав чекори како се качуваат по скалите, и постепено тоа стануваше сè полошо и полошо. Девојката мислеше дека тоа е нејзиниот дедо. Гласовите и чекорите што често ги слушав ме наведуваа на смрт“, рекол Роби за „Дејли мејл“.
Тој раскажал и дека не можел да спие во куќата, па затоа бегал во автомобилот и пробувал да се одмори таму.
„Влегував во автомобилот и седнував на задното седиште. Два месеци подоцна веќе не можев да се справувам со тоа. Помислив, ако ова продолжи да се случува, ќе се убијам. Едно утро се разбудив и видов темна магла на креветот. Бев толку престрашен да отидам до тоалетот и да си ги измијам забите зашто морав да поминам низ маглата. Тогаш ѝ реков на девојката дека заминувам и ѝ реков да дојде со мене. Отидовме во хотел, а подоцна дознав дека таа куќа е изградена над гробишта во која се закопани луѓе што умреле од чума“, раскажал Вилијамс.
Популарниот пејач веќе неколку години тврди дека не зема дрога ни алкохол и дека откако станал татко целосно го сменил животот.