Експерти од Светската здравствена организација на заедничка средба со претставници од Светска банка, излегоа со заеднички извештај наречен „Свет во ризик“ во кој наведуваат дека светските лидери намерно ги игнорираат нивните препораки.
Како последица на тоа експертите предупредуваат дека би можело да се случи епидемија во која би можела да загинат повеќе од 50 милиони луѓе. Научниците на панел средбата го претставиле извештајот и мапата на светот, со листа на можни инфекции и болести кои би можеле да предизвикаат глобална епидемија.
„Светот може да се соочи со болести кои би биле кобни за повеќе од 50 до 60 милиони луѓе. Многу национални здравствени системи, посебено оние во сиромашните земји ќе колабрираат. Сиромаштијата само дополнително ќе ги засили инфективните заболувања и ќе помогне во создавање на услови за пандемија“, вели поранешниот директор на СЗО и поранешниот норвешки премиер Гро Харлем Брунтланд.
„Многу препораки се лошо имплементирани. Долго време дозволувавме паника и немир кога станува збор за епидемии. Ги засилуваме напорите кога постои сериозна закана, а потоа брзо забораваме кога истите ќе се повлечат, Време за чекање повеќе нема“, навеле експертите.
Авторите на извештајот истакнале дека членките Г7, Г20 и Г77 мораат да дадат пример до остатокот на светот. Сите држави мораат да се подготват за најлошото. Од СЗО предупредиле дека една пандемија на грип е неминовна и дека светот треба да биде подготвен за неа.
Во извештајот се наведени болестите кои се појавиле во минатото и оние кои повторно се јавуваат, вклучувајќи ја еболата, пет видови на грип, западнонилски вирус, малите сипаници, жолтица и многу други болести.
Групата експерти на собирот организиран од Светска банка и СЗО, предупредиле дека светот не е подготвен, а моменталните напори за подготовка на луѓето се недоволни.
Ова тело направило споредба со ситуацијата од пред еден век, кога пандемија од шпанска грозница, заразила третина од светската популација и усмртила повеќе од 50 милиони луѓе.
„Денес е многу полесно да се повтори сценариото како она од пред половина век. Денес голем број луѓе патуваат насекаде низ светот и веројатноста да се рашират болестите е поголема“, велат научниците.