Српската глумица Неда Арнериќ вчера за прв пат по 20 години се сретна со актерот Диме Илиев, со кого глумеше во култниот македонски филм „Исправи се Делфина“. Многу емоции солзи и насмевки на сцената на битолскиот театар, каде што Неда гостуваше со претставата „Се извинуваме, многу се извинуваме“.
Диме ја изненади Неда по краојт на претставата кога излезе на сцената и ѝ подари цвеќе. Публиката со овации и силен аплауз ја поздрави нивната средба.
„По иницијатива на директорката Маја Андоновска-Илијевски, иницијатива која таа ја чуваше во тајност до крај на претставата, во публиката го донесе актерот Диме Илиев кој со Неда Арнериќ пред точно 43 години играше во филмот „Исправи се Делфина”, а последна средба помеѓу двата актери се случила пред 20 години. Тој излезе на сцената на крај на претставата да и подари цвеќе, емотивна средба која публиката ќе памети секогаш“, соопштија од Центарот за култура-Битола.
За потсетување „Исправи се Делфина“ е еден од најпопуларните македонски филмови, а раскажува за животот на пливачката Атина Бојаџи која го преплива Ла Манш во 1969 година. Таа е првата жена од поранешна Југославија која го преплива овој канал.
Фото: Диоген Хаџи-Коста Милевски