Нуркачите од „Амфора“ и клубот за подводни активности „Охрид“ и оваа година традиционално по 17 пат ја накитија подводната новогодишна елка на дното на Охридското Езеро. Тие украсувањето им го посветија на децата со ретки болести и им упатија честитки и желби за посреќен живот.
„Со желби за добро здравје, навремена дијагноза и достапност на лековите кои значат живот за децата со ретки болести по третпат годинава им ја посветуваме оваа елка токму нив, бидејќи во нивниот живот полн со предизвици им е најпотребна нашата поддршка. Настанот на китење на подводната елка како една своевидна атракција има големо значење за промоцијата на Охрид и претставува уште една причина да се посети Музејот на вода“, изјави Јован Секулоски, претседател на „Амфора“.