Поранешната пејачка и претседател на здружението „Дајте ни крилја“, Јанковска-Ристески на „Фејсбук“ објави сторија во која пишува дека инклузивноста на децата со посебни потреби во училиштата не значи дека тие ќе имаат и пријатели во одделението. Призна дека истото му се случува на нејзиниот син Маркијан, кој има аутизам. Вели дека тој нема другари во училиштето. Таа ги праша родителите на деца со попреченост дали и нивните деца немаат пријатели, или, едноставно, нејзиниот постар син нема среќа.
„Маркијан нема ниту едно другарче. Тој и не знаеше како да се дружи со деца до скоро. Среќа што ги има братчињата и почнува полека да се вклучува во игра и да се забавува и тој. Инаку меѓу децата во училиште никој не пројави посебна желба да го дружи или барем да се обиде вон училиште. Се дружи со нив на родендени и тоа е сè. Тие го прифатија со сите негови недостатоци, без да нè бркаат од школо или да потпишуваат петиции за негово исклучување како претходно, за што сум многу благодарна“, напиша Ребека.
Поранешната пејачка преку здружението „Дајте ни крилја“ се залага за вклучување на децата со попреченост во сите сфери на животот. Неодамна во интервју за „Репортер“ таа раскажа дека со Маркијан секој ден е нова приказна, искушение, одговорност.
„Јас веројатно сега се носам добро со сето тоа. Кога решив јавно да проговорам, значи сум завршила со моите проблеми и прифаќањето на фактот дека Маркијан е дете со посебни потреби. И ние имаме дома со Мики кризи, затоа што состојбата на Маркијан е променлива. Нам секој ден ни е искушение, самата болест е таква“, рече тогаш Ребека.
Освен Маркијан, Ребека има уште два сина, близнаците Доротеј и Макариј.
Фото: Фејсбук