Ребека: Ние тивко умираме

Ребека Јанковска-Ристески, изминативе години музиката ја замени со хуманитарни акции. Преку здруженето „Дајте ни крилја“ и Алијансата за децата со ретки болести, но и „Балот на различности“ таа е се погласна во намерите да им се помогне на овие деца, кои реално се соочуваат со низа проблеми. Во интервју за „Репортер“, во студиото, ни направи вистинско изненадување, ставајќи заштитна маска преку устата, со цел да апелира до надлежените заради загадувањето со кое се соочуваме години наназад.

„Ја ставив маската да испратам порака и не можам да се изначудам затоа што никој не реагира на екстрмено загадениот воздух во земјава. Ние тивко умираме. Ова што го вдишуваме не убива. Гледам деца шетаат на улица, бебиња, а не е за на улица работава. Работава е за дома седење“, вели Ребека.

Разговаравме за Маркијан, најстариот син на Ребека, кој е дете со ретка болест – туберозна склероза. Искуството ни го раскажа Ребека, од тоа како се соочуваат дома, заедно со нејзиниот сопруг Мики до тоа колку „нерви и трпение треба за да се прифати фактот и да се носи човек со сето тоа“.

„Со Маркијан секој ден е нова прикзна, искушение, одговорност. Но, јас веројатно сега се носам добро со сето тоа. Кога решив јавно да проговорам, значи сум завршила со моите проблеми и прифаќањето на фактот дека Маркијан е дете со посебни потреби. И ние имаме дома со Мики кризи, затоа што на Маркијан состојбата е променлива. Нам секој ден ни е искушение, затоа што самата болест е таква. Постојано бараме светски мислења, разговараме, читаме“, вели Ребека.

Таа ни откри и за близнаците Доротеј и Макариј за кои вели дека се плаши да не ги разгали.

„Ми е криво што некогаш не можам повеќе време да минам со нив. Сакам со нив да сум сегде, во када, на под, да им се радувам, се да правам, секој момент да го вкусам. Но, тоа го направи Маркијан. Неговата состојба беше лоша и не можев да уживам во неговите игри. Влегов во продавница за играчки и плачев кога тој беше мал, не реагираше на ништо. Со близнаците е поинаку, се плашам дека ќе ги разгалам,“ искрена е Ребека.

Во интервјуто таа говори за времето кога ја градеше кариерата, за снимањето на спотот „Обиди се“, првиот високо-буџетен спот во земјава, за настапите, за тоа дека благодарение на советите на мајка ѝ секогш се труди да изгледа убаво. Говори и за Хелена која е во Нов Зелад и заради која, вели дека е среќна, затоа што успела да си ја пронајде среќата таму. Ребека рече дека можеби напролет ќе ја изненади публиката со нешто ново.

Александра Георгиев

 

Scroll to Top