Откако пред една недела се појави во шоуто „Гласот на Бугарија“, Калина Велковска – Кали, преку ноќ стана главна тема на муабет и нова миленичка на публиката. Нејзиниот настап не остави никого рамнодушен. Видеото постојано се споделува на социјалните мрежи, а јавноста се прашува од каде се појави оваа девојката која имаше настап за паметење. Малкумина знаат дека Калина е родена во Прага. По мајка е Чехиња, по татко Македонка. Професионално пее повеќе од 15 години.
Пее енергично и баш тоа ги скара членовите од жирито, па бугарските музичари се расправаа кој да ја земе Калина во својот тим. Настапува со својот бенд „Мјузаик“ кој, вели, одлично ја следи на сцената.
„Секогаш давам сè од себе, зашто ја сакам музиката, а жирито веројатно го препозна тоа. Јас не се пријавив во ‘Гласот на Бугарија’. Продуцентите ме открија сами. Тие биле во Скопје заради аудициите, па слушнале како пеам додека оделе накај хотелот. На паузата од настапот ми пријдоа и ме убедуваа дека треба да се натпреварувам во шоуто. Ги ислушав, ама им реков: ‘Не, благодарам’, но тие беа упорни, ми рекоа дека не веруваат во случајности. На крај и момците од мојот бенд се сложија дека нема ништо да загубам ако пробам“, ја почна Калина својата приказна.
Првпат се натпреварува во музичко шоу, иако пее од мала. Почнала во детски хорови. Пеела и како предгрупа на концертот на „Вајтснејк“ во Скопје. А пееше и на Евровизија со Калиопи. Вели, горда е на проектот „Музичкиот предизвик на Кали“, што го работи веќе неколку месеци. Тука е и преработката на песната од култната серија „Трст виа Скопје“. А за тоа како се снајде во шоуто, зошто го избра Иван Лечев за ментор, зошто ретко зборува чешки со мајка ѝ, за кавгите со дечкото кој ѝ е музички колега, гледајте го интервјуто…
Андријана Јовановска