Претседателот на Меѓународниот филмски фестивал во Кан, Пјер Лескир, e оптимист дека Канскиот фестивал ќе се одржи во мај. Но, тој не ја исклучува можноста фестивалот да биде одложен ако коронавирусот продолжи да се шири во Франција.
„Остануваме разумно оптимисти со надеж дека епидемијата ќе достигне кулминација на крајот на март и дека ќе дишеме полесно во април“, рече Лескир во врска со шпекулациите за откажување на годинешниот 73. Кански фестивал во јужна Франција.
Фестивалот оваа година е закажан од 12 до 23 мај, а претседател на жирито што ќе ја додели Златната палма ќе биде Спајк Ли. Списокот на филмови во трката за големата награда ќе биде објавен на 16 април. Некои настани се веќе откажани во Кан, како што се Фестивалот на телевизиски серии и Саемот за мебел.