Композиторот и поранешен пејач, Јован Јованов, веќе пет години со семејството живее во Торонто, Канада. Од Македонија си замина во време кога музиката стагнираше. Но, и покрај тоа што се пресели во земја каде што е тешко да се пробиеш на музичката сцена, вели дека во ниеден момент не помислувал да се откаже од музиката, оти со неа се занимава повеќе од 20 години.
Почна со групата „Магија“, преку соло кариерата, па компонираше песни за македонските пејачи. Јованов, успеа и во Канада. Сега планира да го освојува и центарот на музичката индустрија во светот, па во план е заминувањето во Лос Анџелес. Коронавирусот ги одложи плановите, ама не и неговата цел.
Познатиот, Џеј Џеј, како што го нарекуваат пријателите, за „Репортер“ раскажа и за почетоците кои биле тешки за него и за семејството, до тоа како е сега, кога веќе го навикна животот во Канада и се дружи со таму познати музички ѕвезди.
Џеј Џеј, вели и дека заради короната морале да ги одложат плановите да се преселат во Лос Анџелес.
„Иако не се смени нешто драстично, првпат во животот почувствував дека треба моите планови да ги ставам на пауза на неопределено време. За среќа, во Канада немавме полициски час и не моравме да седиме дома по цели денови. Пофлексибилно беше и сè уште е. Најискрено не ни следам веќе каква е ситуацијата, зашто не можам да променам нешто. “, ни раскажа Јованов.
Вели, луѓето во Канада ги почитуваат мерките. Таму не е дозволено шетање во група ако не живеете на иста адреса. Истото важи и за возењето во автомобил. Се препорачува во кола секој да е сам или само со семејството, но не и со пријатели или колеги од работа.
„Канада е богата држава и одвои средства да им помогне на сите. Овде луѓето ако не работат неколку месеци, ќе се случи катастрофален пад на сè. Месечните трошоци се многу големи. Но владата го покри тоа“, откри Јован.
Вели, новата ситуација за него не сменила многу. И пред и за време на изолацијата, тој деновите ги поминувал дома и во студиото.
„На децата периодов најмногу им фали дружење, а и училиштето по малку. Јас не се жалам, тоа што фали ќе си дојде во време кога ќе треба да дојде. Единствено не можам да одам во ресторани и барови. Но и тоа е добро. Да се заштедат пари“, се шегува Јован.
Периодов работи напорно, компонира музика и спрема нови проекти.
„Ми требаше година, година ипол да запознаам луѓе од музичката индустрија и да го отворам моето студио. За снаоѓање знаев дека ќе се снајдам зошто донесов одлука за тоа и се фокусирав на целта што си ја поставив. Прашање беше на време. Но, работата не е само да се снајдеш. Секој се снашол повеќе или помалку. Важно е да ги постигнеме нашите цели и да го правиме она што нè прави среќни. Задоволен сум од тоа како за сега одат работите“, вели Јован.
Иако на почетокот му било тешко, тој запознал многу музичари кои не се познати во Македонија, но се ѕвезди во Канада.
„Остварив соработка со некои познати канадски музичари. Јас сè уште се пробивам како што и цел живот го правам тоа. Иако во Македонија луѓето ме гледаа како некој што успеал во естрадата, јас секогаш си поставував нови предизвици и цели. Така што никогаш нема да кажам дека сум успеал или сум се пробил. Секогаш има повеќе што може да се направи“, рече тој.
Јован веќе подолго време планира да ја пресели својата работа во Лос Анџелес, центарот на музичката индустрија во светот. Сè уште не е сигурен дали ќе отвори свое студио или ќе работи за некоја музичка компанија.
„Двете опции се во игра, но за сега немам конкретни информации. Во последниот период имав доста состаноци и остварив многу контакти таму. Со оглед на ситуацијата, плановите ми се сменија, па не можам да кажам кога точно би се префрлил во Америка. А веќе требаше да сме таму со семејството. Доста планови се одложија и сите се надеваме и посакуваме светов да се врати во нормала“, ни кажа Јованов.
А. Јовановска