Нова научна студија ги доведува во прашање тврдењата на кинеските власти дека пандемијата на коронавирусот потекнува од пазар за морска храна и диви животни во Вухан.
„Анализата на сите расположиви податоци од биолозите јасно покажува дека смртоносниот вирус Сарс-Ков-2 стигнал на пазарот од некој што веќе бил заразен, а вирусот бил адаптиран за да се пренесува на луѓе што е многу ретка карактеристика“, стои во студијата на Алина Чан и Бен Деверман од Институтот Брод, огранок на универзитетот Харвард и Технолошкиот институт во Масачусетс (САД) и Шинг Џан од Универзитетот на Британска Колумбија (Канада).
Тие велат дека истражувањето доведува до заклучок дека вирусот потекнува надвор од пазарот во Вухан.
Според нив, „генетските податоци што се достапни на јавноста не укажуваат на пренесување на вирусот помеѓу видовите на пазарот“. Тие бараат да се испитаат сите можни патишта за пренесување на вирусот од животно на човек, вклучително и тврдењата дека вирусот потекнува од лабораторија.
„Треба да се испита можноста дека генетски немодифициран прекурсор се прилагодил на луѓето додека го проучувале во лабораторија“, се наведува во студијата.
Студијата е објавена во време кога е сè поголем притисокот врз Кина да го открие вистинскиот извор на епидемијата, така што експертите ќе можат да се запознаат со болеста за да можат да развијат вакцина и да спречат појава на нови епидемии.
Според официјалната кинеска теорија, вирусот потекнува од пазарот во Вухан каде се продаваат и диви животни, а таа теорија ја поддржа и Светската здравствена организација