Британскиот рок-бенд „Пласибо“ ги откажа сите концерти од нивната турнеја до крајот на оваа година. Меѓу нив е и концертот што требаше да се одржи на стадионот на АРМ во Скопје за 25 јуни. Организаторите на концертот, Авалон продукција, велат дека веќе се договара нов датум за нивниот настап во Скопје, но дека тој ќе се знае во средината на септември.
„Сите оние што не можат и не сакаат да чекаат, ќе можат своите пари да си ги добијат назад од идната среда, 27 мај, од 09 часот наутро. Рефундацијата ќе се врши на начин и на местото од каде што се купени билетите. Во оваа прилика сакаме да им се заблагодариме на сите што ги задржуваат картите, не само за концертот на Пласибо, туку и за сите други концерти што ги имаме закажано, а ги имаме прераспоредено со нови датуми. Со овој ваш гест помагате музичката лајв индустрија, која во моментов не постои, што побрзо да се врати во живот“, велат од Авалон.