„Фејсбук“ повторно го забрани шерувањето текстови од сајтот „Нечурал њуз“, кој е познат по содржините поврзани со теории на заговор. Сега забраната не е заради ширење дезинформации, туку затоа што веб сајтот користел т.н. фарми на тролови од Македонија и Филипините да ги шират неговите текстови, кои најчесто содржат лажни информации за поврзаноста на коронавирусот со 5Г, Бил Гејтс и хидроксихлорокин.
„Фејсбук“ открил и дека троловите од овие две земји ширеле содржини од сестринските веб сајтови на „Нечурал њуз“, како „ЊузТаргет“ и „Брајтеон“, за вештачки да се зголеми популарноста на нивните текстови.
„Ги отстранивме овие страници поради спамирање и злоупотреби, не поради содржините што ги објавуваат. Тие ги доведуваат во заблуда луѓето во врска со популарноста на нивните објави и користеа фарми за содржини од Македонија и Филипини“, соопшти „Фејсбук“.
Американската телевизија „Ен-би-си“ објави дека веб сајтот е еден од најголемите промотери на „Пландемија“, видеото со теории на заговор за коронавирусот, вклучувајќи го и тврдењето дека болеста Ковид-19 е дел од план на властите да ја контролираат популацијата преку вакцини.