„Врба“ на Манчевски на фестивал во Пекинг

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски е избран да се натпреварува во официјалната програма на 10. Филмски фестивал во Пекинг. Фестивалот ќе се одржи кон крајот на август годинава и тој е еден од петте најголеми во Азија.

Претходно, „Врба“ беше прикажан на 39. Филмски фестивал во Истанбул, кој, поради пандемијата со коронавирусот се одржа онлајн. Петнаесетте одбрани филмови на фестивалот, меѓу кои и „Врба“, публиката можеше да ги гледа со купен билет за онлајн прикажување. Турската критика го нарече „Врба“: „Веројатно најдобар филм на фестивалот“. „Врба“ беше поканет и на други фестивали, меѓу кои и Хамбург, Софија и Шангај, но поради светската пандемија тие беа откажани или одложени, па проекциите во Истанбул и Пекинг се враќање на филмот на фестивалите.

По светската премиера на Римскиот филмски фестивал лани во октомври, каде што беше поздравен со шестминутни овации, „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, и Синеквест во Калифорнија. Филмот ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

За потсетување, во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ. Филмот е македонско-унгарско-белгиско-албанска копродукција и беше поддржан од Агенцијата за филм како филм од посебен интерес.

Scroll to Top