Џиџи Буфон го сруши рекордот на Паоло Малдини

Голманот на „Јувентус“, Џанлуиџи Буфон, го сруши рекордот на Паоло Малдини, откако 648. пат се појави на теренот во Серија А, на натпреварот со „Торино“. Малдини, кој претходно го држеше овој рекорд, има одиграно 647 натпревари во италијанската лига во периодот од 1984 до 2009 година.

По ова, 42-годишниот голман најави дека ќе брани барем уште една сезона пред да се повлече од фудбалот.

„Чекав долго време за овој рекорд, но тоа не беше проблем. Во моментов играме многу мечеви и притисокот што го имав беше само на овој меч. Сега сум среќен, но претходно не размислував на рекордот. Кога бев помлад имав многу соништа и никогаш не бев задоволен. Сфаќам дека е потребно да имам вистинска мотивација и тоа да го покажам на теренот. Тука сум барем до мојата 43. година. Но, откако наполнив 40 години размислувам само месец за месец. Кога нема да бидам способен да играм на високо ниво, ќе се тргнам. Но, додека сум во вистинска форма, нема нешто што ме прави посреќен од фудбалот“, вели Буфон.

Од сегашните играчи во италијанската лига, само двајца имаат одиграно повеќе од 450 натпревари во Серија А: 35-годишниот голман на „Интер“ Самир Хандановиќ (468) и 37-годишниот напаѓач на „Сампдорија“ Фабио Кваљарела (460).

Буфон игра за „Јувентус“ од 2001 година, откако се пресели од „Парма“, освен во сезоната 2018/19, кога беше во ПСЖ.

Scroll to Top