Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во САД ќе ја забрани апликацијата за споделување видеа, ТикТок, оти Вашингтон се сомнева дека ја користи кинеската разузнавачка служба.
„Што се однесува до ТикТок, ние ќе го забраниме во САД“, рече Трамп пред новинарите во петокот вечер.
Апликацијата беше под истрага од страна на американската агенција надлежна да се осигура дека странските инвестиции не претставуваат закана за националната безбедност. Американските власти изразија страв во последните неколку недели дека Пекинг би можел да го искористи за да им наштети на САД.
ТикТок негира дека споделува податоци од корисниците со кинеските власти.
„Ние немаме никаква врска со политиката и не прифаќаме политички реклами и немаме агенда. Нашата единствена цел е да бидеме динамична и живописна платформа што сите ја ценат“, рече претседателот на ТикТок, Кевин Мајер.
Џејмс Луис, шеф на програмата за технолошка политика во Центарот за стратешки и меѓународни студии, оцени дека безбедносната закана од ТикТок е скоро „нула“. Сепак, тој додаде дека се чини дека компанијата „БајтДенс“, која е сопственик на таа апликација, е под притисок од Пекинг.
Оваа социјална мрежа е спорна и надвор од САД. Во Индија, ТикТок е блокиран од 30 јуни и наведува 59 кинески апликации блокирани за да се обезбеди „безбедност и суверенитет на сајбер-просторот“, а Пакистан неодамна бараше администрацијата на ТикТок да ги блокира сите „неморални, непристојни и вулгарни“ содржини.
ТикТок постои од 2016 година и има повеќе од 800 милиони активни корисници, најмногу на возраст меѓу 16 и 24 години, од кои дури 43 проценти во Индија. Само во САД апликацијата има 30 милиони активни корисници месечно.