Прославениот српски фудбалер Синиша Михајловиќ во својата биографска книга откри за неговото тешко минато во периодот на српско-хрватската војна. Тој вели дека успеал да најде сили и да му прости на човекот кој ја запалил неговата куќа и пукал во неговата слика во домот.
Михајловиќ во 1991 година го напуштил Борово Село, кое четири години подоцна било погодено од хрватската воена полициска акција „Бура“. Во 2015 година тој решава да се врати во својот крај. Ги посетил и училиштето и теренот каде што ги направил првите фудбалски чекори.
Одлуката да се врати ја донел затоа што, како што вели самиот тој, три ноќи по ред го сонувал ова место.
„Откако се преселив во Белград, по некое време дознав дека куќата на моите родители била минирана и дека некој пукал во мојата слика на ѕидот. Во тој грозен чин знаев дека има некаква симболика, порака која беше и повеќе од јасна. Но секогаш се прашував кој може да фрли бомба на нашата куќа. Кој и зошто пукаше во мојата и сликата на Дражен? Тие прашања ме прогонуваа сè до моментот додека не ја дознав вистината. Тоа го направи еден од моите најдобри другари од детството, Стипе. Го сметав за брат. Се видовме во 2000 година во Загреб. Дојде во хотелот каде што престојував и ме праша дали знам за тоа што го направил. Ми призна дека ја запалил куќата, но и дека ги спасил моите родители. Му простив“, пишува во книгата која во 2012 година ја напишал Мирослав Гавриловиќ.
Сегашниот тренер на Болоња во животот наишол на голем број пречки, кои секого би го скршиле, но не и него. Тој е роден борец кој никогаш не се предава, велат неговите пријатели. Секогаш во животот знаел силно да загризе, па дури и кога му беше откриена леукемија.
Тој со силната болест за првпат се соочи во јули минатата година, а за помалку од година дена, Михајловиќ најде сили и вера и со својот борбен дух да го совлада опасниот противник.
Блиски негови пријатели велат дека Михајловиќ не издржал да не заплаче, кога за првпат по 25 години, повторно дошол во неговиот роден крај. Во својата биографија „Божја левица“, тој признава колку тешко ја поднел војната на територијата на некогашната СФРЈ.