Општина Прилеп: Сите основни училишта со 132 пораки се вклучуваат во кампањата „Некој те чека дома“

Со пораки што потсетуваат дека зад секое возење стои семејство кое очекува враќање дома, учениците од сите основни училишта во Прилеп ќе им се обратат на возачите и ќе им оддадат почит на загинатите во сообраќајни незгоди.

Јавниот настан под мотото „Не брзај. Некој те чека дома!“ ќе се одржи в петок, 20 ноември, со почеток во 11 часот, на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп.

Учениците, заедно со своите наставници, изработиле 132 пораки – по една за секој човек што го загубил животот во сообраќајна незгода во Македонија во 2025 година, според податоците наведени од организаторите.

Меѓу пораките што основците ќе ги држат на плоштадот се „Мамо, тато, ве чекам дома!“ и „Не брзај покрај моето училиште!“. Со нив ќе повикаат на поголема внимателност и одговорност во сообраќајот.

Настанот го организира Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата при Општина Прилеп, во соработка со основните училишта, по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајните незгоди.

Кампањата се одржува од 15 до 22 ноември. Организаторите ги повикуваат возачите да ја намалат брзината, да не го користат телефонот додека возат, да го врзат безбедносниот појас и да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол.

Scroll to Top