„Шубее дубее Мариа“ е новата песна на „Браќата Нуне“

Песната „Шубее дубее Мариа“ е новата песна на дуото „Браќата Нуне“, која беше промовирана пред неколку дена. На албумот ќе има над 10 песни, меѓу кои ќе бидат и двете од соработката со Есма. Повеќето од песните се веќе готови, на неколку од нив се работи и се надеваат дека сето тоа спакувано ќе биде промовирано до крајот на годината. Овој албум со наслов „Некст левел“ ќе биде издаден од странска издавачка куќа за европскиот и светскиот пазар.

„Ова е прва песна од албумот ‘Некст левел’ за кој идејата ја добивме по неколку проби со разни аранжмани. И албумот ќе биде со песни во мешани стилови, поп-рок, шпански, за разни вкусови. Ова го направивме за многу луѓе да си најдат свое омилено парче музика, но и по сугестија што е она што го сакаат во светот. А каде ние во иднина ќе се пронајдеме, ќе видиме. Како ќе се создаваат песните, така ќе се движиме. Важно е да има музика за сите вкусови“, вели Филип, кој првпат се јавува и како пејач.

„Додека да дојде време да најдеме кој да пее, продуцентот не посоветува јас да го направам тоа. Сакавме и женски вокал, но на крајот по неколку проби, излезе дека, сепак, добро е јас тоа да го отпеам или, пак, мојот брат Раде. Но, изборот падна на мене“, вели Филип.

За оваа песна, за музиката и аранжманот беа задолжени Филип и Раде Нуне, текстот е на Огнен Неделковски, видеообработката и фотографијата е на Дуле Јанев, Никола Коцев и Александар Гелевски. Снимена е во студиото Nune Brothers, а во продукција на Горан Гешовски.

Scroll to Top