Две нови, современо опремени амбулантни возила пристигнаа во Здравствениот дом „Нада Михајлова“ во Пробиштип, со што се очекува да се подобрат условите за работа на службата за итна медицинска помош и теренските услуги за граѓаните.
За пристигнувањето на возилата информираше градоначалникот Тони Тоневски, кој истакна дека тие ќе овозможат побрзи и поефикасни интервенции во Пробиштип и во околните населени места.
Според него, инвестицијата е значајна за општината и за здравствената установа, бидејќи ги подобрува можностите за обезбедување итна медицинска помош на терен.
Тоневски им се заблагодари на Владата и на надлежните институции што ги овозможиле набавката и распоредувањето на возилата.
„Вложувањето во здравството е вложување во највредното – здравјето и животот на граѓаните“, порача градоначалникот.






