Рускиот блогер и опозиционер Алексеј Навални во својата прва објава на блогот, откако се разбуди од кома, побара од руските власти да му ја вратат облеката што ја носел во авионот кога му се слошило.
Навални смета дека таа претставува важен доказен материјал во случајот со неговото труење.
„Пред да им било дозволено да ме однесат во Германија, ме соблекоа и ме испратија гол“, напишал Навални, кој инсистира да дознае што се случило со неговите работи.
Тој тврди дека неговата облека е важен доказен материјал во неговиот случај.
„Истекоа законски предвидените 30 дена проверка пред истрагата. Барам облеката да ми биде внимателно спакувана во кеса од целофан и да ми биде вратена“, напишал Навални.
На рускиот опозиционер на 20 август му се слоши во авион за време на летот од Томск во Москва. Авионот итно слета во Омск. Опозицискиот лидер веднаш бил префрлен во болница, каде што паднал во кома. На почетокот се претпоставувало дека Навални бил отруен со нешто што му било ставено во чајот на аеродромот.
Лекарите од болницата во Омск потоа соопштиле дека неговата здравствена состојба била стабилна. Според резултатите од направените испитувања, кај Навални не биле најдени знаци на труење, мозочен удар, инфаркт, инфекција, ниту, пак, бил заразен со коронавирус.
Во хотелот каде што отседнал Навални не било пронајдено ништо сомнително. На барање на семејството, Навални на 22 август од Омск би префрлен на клиниката во Берлин.
Германската влада на 2 септември, повикувајќи се на лабораторијата од Бундесвер, соопштила дека рускиот опозиционер Алексеј Навални бил отруен со супстанца од групата на хемиски воени отрови новичок.
Од Русија се бара да спроведат истрага, а официјална Москва инсистира на тоа Берлин да достави информации во врска со Навални.
Обвинителството и полицијата во Русија почнаа своја истрага уште во првиот ден од хоспитализацијата на Навални во Омск, на 20 август. Руското обвинителство побарало од Германија да ги објави информациите од испитувањето и прелиминарните дијагнози од рускиот блогер.
Затоа што барањето е итно проследено, Москва очекувала еднакво брз одговор од германската престолнина, но не добила никакви информации.