Уметникот Аладин Табаковиќ му посвети голема карикатура на најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, по освоениот турнир во Рим. Тој го нацрта како римскиот император Цезар со лавров венец и круна на главата.
Ѓоковиќ се наоѓа во арена која потсетува на прочуениот Колосеум, во кој се одвивале гладијаторските борби. Наместо тениско топче, тенисерот на земја го фрла топчето кое претставува коронавирус, а во неговата торба се наоѓаат освоените трофеи кои претходно ги освои во Синсинати и Дубаи.
Во централниот дел од карикатурата се наоѓаат два стари лава, кои ги претставуваат Роџер Федерер и Рафаел Надал. Многумина во коментарите пишуваат дека големите тенисери ова го доживеале како понижување и дека сликата претставува порака дека тие се престари за да му парираат на тениските терени.
На семафорот е нацртан бројот 46, бројот на мастерс титулите кои Ѓоковиќ ги освои, додека на небото е напишано „Форца Рома“, порака која Ѓоковиќ во повеќе наврати ја има повторено.
Ѓоковиќ по петти пат е најдобар на АТП-турнирот во „вечниот град“. Аладин вели дека токму тоа била неговата инспирација за да го направи ова уметничко дело.
Најдобриот тенисер на светот стигна до победа откако беше подобар од Аргентинецот Диего Шварцман со 7:5, 6:3.
Србинот ја освои рекордната 36-та титула на мастерс-турнирите и се искачи на првото место на вечната ранг-листа. Ѓоковиќ стигна и до 81. трофеј во кариерата.
Триумфот на Новак му донесе нови 400 АТП-поени, со кои ја зголеми предноста пред второпласираниот Рафаел Надал. И тоа на денот кога го престигна Пит Сампрас на второто место на вечната листа според бројот на недели поминати на првата позиција.
Ѓоковиќ воедно стана најстариот шампион на Рим во историјата.