Принцот Џорџ мора да го врати забот од праисториска ајкула, кој претходно го добил подарок од државата Малта. Министерот за култура на земјата, Хосе Херера, објаснил дека некои артефакти се важни за природната средина во земјата.
Малта го бара фосилизираниот остаток од заб, кој на британскиот принц Џорџ минатата недела му го подари познатиот природонаучник сер Дејвид Атенбороу со објаснување дека фосилите треба да бидат изложени на островот на кој се пронајдени.
Од Кенсингтонската палата во саботата известиле дека сер Дејвид му го подарил фосилизираниот заб на принцот за време на неговата посета на членовите на кралското семејство. Тие заедно го гледале неговиот нов документарен филм A Life on our Planet, кој следната недела ќе биде прикажан во кината.
Атенбороу изјавил дека забот го пронашол за време на семејниот одмор на Малта на крајот на 60-тите години од минатиот век. Бил втиснат во жолт мек варовник, а се верува дека е стар околу 23 милиони години. Херера верува дека забот треба да биде изложен во музеј и вети дека ќе се ангажира тој да биде вратен во земјата.
„Постојат некои артефакти кои се важни за природната средина на Малта, а завршија во странство и тие заслужуваат да бидат вратени во земјата“, изјавил Херера за весникот Time of Malta.
Тој не навел детали за тоа на кој начин планира да го реализира панот за враќањето на фосилизираниот заб.
Забот некогаш му припаѓал на мегалодон, истребен вид џиновска ајкула, која може да порасне и до 16 метри. Ова животно живеело пред 25 милиони години и исчезнало пред речиси еден и пол милион години.
„Со право, посветуваме големо внимание на историските и уметничките артефакти. Но, тоа не е секогаш случај со нашата природна историја. Решен сум да ја сменам оваа позиција“, изјавил министерот. Малта беше британска колонија до 1964 година.