Принцот Хари за последниот разговор со Дијана: „Да знаев дека е последен, колку поинаку ќе разговаравме“

Принцот Хари повторно проговори за загубата на мајка му, принцезата Дијана, откривајќи дека едно од неговите најголеми жалења е поврзано со нивниот последен телефонски разговор. Во интервју за „Џи-кју“, објавено на 20 октомври, тој објасни како со години го носел чувството на вина и како родителството му помогнало поинаку да го разбере сопственото детство.

Хари имал само 12 години кога Дијана загина на 31 август 1997 година, на 36-годишна возраст.

„Мајка ми ми беше одземена прерано. Отворено зборував дека едно од моите најголеми жалења е последниот телефонски разговор што го имав со неа“, изјави тој.

„Да знаев дека тоа е последниот разговор со неа, колку поинаков ќе беше. А јас сум тој што мора да живее со тоа.“

Се присети дека тогаш, како дете, најмногу сакал да го заврши разговорот и да продолжи да трча и да си игра со братучедите. Чувството на вина поради тој момент го опиша како тежок товар, кој почнал поинаку да го согледува кога и самиот станал татко.

Зборувајќи за тагувањето, Хари нагласи дека дополнителна тешкотија било тоа што семејната трагедија се одвивала пред очите на светската јавност.

И денес, раскажа тој, луѓе му приоѓаат и му кажуваат дека точно се сеќаваат каде биле кога ја слушнале веста за смртта на Дијана. За него и за брат му Вилијам, тоа било лично губење мајка, додека за јавноста станало настан што одбележал цела генерација.

Хари рече дека сега сака сопственото искуство да го искористи за да им помогне на други луѓе што минуваат низ загуба и тешки животни периоди.

Во неодамнешна сесија на „Мастерклас“, посветена на тагувањето, тој зборувал и за годините во кои се чувствувал емоционално вкочанет. Призна дека можноста повторно да биде среќен понекогаш ја доживувал како нелојалност кон мајка му.

Пресвртот дошол со сознанието дека Дијана би сакала тој да биде среќен. Тоа, според неговите зборови, му донело ослободување и поинаков поглед кон животот.

Раскажа и дека чувствува блискост со неа кога гледа стар нејзин портрет, особено преку насмевката и изразот во очите.

Во интервјуто Хари зборуваше и за неодамнешното враќање во Велика Британија со Меган Маркл и нивните деца, Арчи и Лилибет. Како важни причини ги наведе школувањето на децата и желбата семејството да биде поблиску до местото каде што пораснал. Воедно изрази надеж за подобрување на односите со своите најблиски.

Scroll to Top