Текстописецот Марина Туцаковиќ, која веќе неколку години се бори со рак, по долго време даде кратко интервју за српските медиуми, па зборуваше за болеста, прогнозите на лекарите, а откри и дека најмногу жали што не му помогнала на синот Милош, кој почина пред 12 години. Иако таа никогаш не кажа јавно од што починал, во медиумите се пишуваше дека Милош се предозирал.
„Не жалам за многу работи во животот, ама кога би можела да го вратам времето, би направила сè да му помогнам на синот. Тој умре млад, на само 24 години. Ете, само за тоа се каам, што не успеав да го спасам“, рекла Туцаковиќ.
Таа додала и дека се плаши од смртта, особено што долго време се лекува од рак и постојано е на терапија, но покрај тоа рекла дека сака да мисли само на убави работи.
„Нормално дека се плашам. Сите се плашиме. Не треба за тоа да се размислува. Верувајте сакам да мислам само на убави работи. Болеста е уште тука и доволно е што се мачам со тоа. Се чувствувам добро, подобро ми е отколку што беше. Сето ова со мене трае со години и не може преку ноќ да се реши. Наскоро треба да направам нови анализи. Ја менувам терапијата, чекам да пристигне на онкологија некоја нова инјекција“, рекла таа.