Ракометарот на европскиот шампион, Вардар, Тимур Дибиров, верува дека на утрешниот меч против Порто во Лигата на шампионите, ќе ја продолжат одличната серија и дека ќе остварат значајна победа.
Дибиров знае дека натпреварот ќе биде тежок за нив, но дека „црвено-црните“ имаат капацитет за победа и дека уште еднаш ќе ја израдуваат македонската спортска јавност.
„Мислам дека натпреварот ќе биде многу тежок затоа што сега ние сме во една многу интересна ситуација, победивме многу силен противник како Фленсбург и сега сакаме да напредуваме малку по малку секој натпревар. Што се однесува до натпреварот до Порто, сакаме да потврдиме дека ова беше почеток на нашата идеја за она што сакаме да го постигнеме оваа сезона. Затоа, многу ќе биде важна оваа победа дома, сепак знаеме дека Порто е многу квалитетен противник, независно каде играте – дома или на гости. Многу незгодна екипа со тактика 7 на 6 и кога им е најтешко, тогаш ја играат најдобро. Сакаме да потврдиме дека сме на добар пат, дека можеме уште подобро и дека нашата авантура оваа сезона почна од победата со Фленсбург. Сега треба да продолжи и да биде подобра и подобра. Нема лесен противник, но играме дома и мора да победиме“, рече Дибиров.
Пред победата над Фленсбург, Вардар ги прескокна двата дуела против ПИК Сегед и Елверум. Мечевите беа откажани поради пандемијата на коронавирусот.
Во првото коло Вардар 1961 загуби на гостувањето кај Мешков Брест, па на мегдан со португалскиот шампион излегува со скор 1-1. Порто, пак, досега има 2 победи и 2 пораза во А-групата во тековната сезона на Лигата на шампионите.
Натпреварот меѓу Вардар и Порто се игра утревечер со почеток во 20.45 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.